Легендарниот италијански тренер, Антонио Конте, зборуваше за шпекулациите дека наскоро се враќа на работното место, поточно, дека е опција за Манчестер Јунајтед.
Иако не го именуваше англискиот клуб, од неговата изјава е јасно дека се повикува на Јунајтед, откако неколку англиски медиуми објавија дека има нереални барања, за да ја прифати понудата.
Конте, со својата објава стави крај на шпекулациите.
„Моето име се поврзуваше со бројни клубови, но во моментов нема преговори кои се во напредна фаза. По прекрасниот и успешен период на клупата на Наполи, ќе одвојам време што ми е потребно да размислам како и кога да се вратам на тренерската работа. Тоа ќе биде внимателно донесена одлука, која ќе ја донесам кога ќе верувам дека се исполнети вистинските услови“, рече Конте и продолжи:
„Ги прочитав наводите за финансиските барања и барањето целосна контрола, кои наводно веќе им ги презентирав на гореспоменатите клубови, како и резервите во врска со она што е опишано како моја „силна личност“. Овие наводи се неосновани, бидејќи во моментов нема конкретна основа за такви проценки. Доколку се појави конкретна можност, тогаш ќе биде време за разговори со дотичниот клуб и заедничко разгледување на условите за потенцијален договор, со должно внимание на потребите на двете страни, како и квалитетот и пристапот што ја карактеризираат мојата работа како тренер. Дотогаш, сите претпоставки за моите барања и мојата професионална иднина остануваат на ниво на шпекулации и не можат да се сметаат за факти“, заклучи Конте.
Foto/ depositphptos






