Антонио Конте, најави дека на идните прес-конференции ќе ги наведе тимовите што освоиле „нула титули“, јасно алудирајќи на познатата изјава на Жозе Мурињо.
Конте реагираше на ваков начин, по синоќешната елиминација од Купот на Италија. Во четвртфиналето, на домашен терен, Комо победи со 7:6, по изведувањето пенали, откако во регуларниот тек натпреварот заврши 1:1.
Актуелниот шампион на Серија А го освои Суперкупот оваа сезона, но сега е надвор од конкуренцијата во Купот на Италија и Лигата на шампионите.
Наполи моментално е трет на табелата во Серија А, девет бода зад лидерот Интер. По синоќешното испаѓање од Купот, Конте изрази гордост за резултатите што ги постигна во изминатите 18 месеци, а индиректно го цитираше Жозе Мурињо.
За време на неговиот мандат во Интер, Португалецот често ги провоцираше своите ривали, а се памети неговата изјава за тимовите што ќе освојат „нула титули“ во сезоната.

„Има многу позитивни работи. Вистина е, испаднавме од Купот и од Лигата на шампионите. Ни остана Серија А и мора да дадеме се од себе“, рече Конте на прес-конференцијата по натпреварот.
Сакам да им се заблагодарам на навивачите бидејќи тие ги ценат и разбираат напорите што ги вложува овој тим. За две години, Скудетото и Суперкупот, тоа не смее да се заборави.“
Додека го кажуваше ова, Конте гестикулираше со десната рака покажувајќи нула, а со левата број два.
„Значи, отсега ќе ја започнувам секоја прес-конференција вака, а потоа ќе ги набројам тимовите кои, како што велеше еден тренер, освоиле нула титули, во ред?“, заклучи тој.
Foto/ depositphotos






