ЛШ: Сити сега имаат 19 победи во низа, Менди со голчиште за победа на Реал во Бергамо

ЛШ: Сити сега имаат 19 победи во низа, Менди со голчиште за победа на Реал во Бергамо

пред 3 години

Манчестер сити ја забележа и 19-тата победа едноподруго (во сите натпреварувања), откако славеше на гости кај Борусија Менхенгладбах во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите со 0:2, додека толку очекуваниот „напаѓачки“ меч меѓу Аталанта и Реал Мадрид беше „расипан“ откако домаќините по само 17 минути игра останаа со играч помалку, пред Ферлан Менди да го реши во 86. минута со фантастичен гол од далечина.

На „Пушкаш арената“ во Будимпешта, каде што Гладбах го пречека лидерот во Премиер лигата поради забраната за пристигнување од Велика Британија во Германија, Сити од почетокот имаше доминација на топката и дојде во водство во 29. минута со убавиот гол со глава на Бернардо Силва.

Во 65. минута од мечот Габриел Жесус го удвои водството откако од близина даде гол по уште една убаво изработена акција на Рахим Стерлинг, Жоао Кансело и Бернардо Силва.

Мечот во Бергамо, каде што хероите Аталанта беа пречекани со факли пред влезот на стадионот, доби поинаков ритам откако германскиот судија Тобијас Штилер во 17. минута можеби малку престрого му покажа директен црвен картон на Ремо Фројлер по стартот над Ферлан Менди.

Лошите вести за Аталанта се зголемија кога по половина час, колумбискиот напаѓач Дуван Запата побара замена поради повреда, но во првите 45 минути најдобрата шанса ја имаа домаќините преку Луис Муриел. Во второто полувреме, секако, Реал ја имаа иницијативата, но упорната одбрана на Аталанта изддржа до 86. минута, кога по додавањето од Лука Модриќ, Менди имаше фантастичен удар за 0:1 и голема предност пред реваншот во Мадрид.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, 1.МЕЧ

Аталанта – Реал Мадрид 0:1

Борусија Менхенгладбах – Манчестер сити 0:2

Share
Scroll to Top