ЛШ: Халанд ја „уништи“ Севилја, Киеза ги спаси надежите на Јувентус!

ЛШ: Халанд ја „уништи“ Севилја, Киеза ги спаси надежите на Јувентус!

пред 4 години

Федерико Киеза се погрижи Јувентус да има надежи за пласман во четврт-финалето на Лигата на шампионите, откако во финишот на мечот постигна важен гол во гости за да го ублажи поразот од Порто на 2:1,  додека Борусија Дортмунд инспирирана од Ерлинг Халанд стигна до импресивна 3:2 победа на гостувањето кај Севилја.

Лошата прва сезона на Андреа Пирло на клупата на Јуве се заканува да стане уште полоша, откако „старата дама“ одигра слаб меч во Португалија, против тим кој ги казни сите нивни грешки и стигна до победа. Мехди Тареми по само шеесетина секунди ја искористи несфатливата реакција на одбраната на Јуве да го донесе тимот на Сержо Консеисао во водство, за слична ситуација да се повтори на стартот на второто полувреме, кога Муса Марега го удвои водството.

За реваншот во Торино да биде поинтересен се погрижи Киеза, кој во 83. минута стрелаше за 2:1, што значи дека во Италија на Јуве ќе им биде доволна и победа со 1:0 за да одат понатаму.

На „Санчез Писхуан“ во Андалузија пак, Борусија Дортмунд по сите проблеми со формата оваа година, покажа дека во тимот го има еден од најталентираните фудбалери на денешницата, Ерлинг Халанд, откако норвешкиот бомбардер постигна два гола и имаше една асистенција за фантастична 3:1 победа на „милионерите“.

Сусо го донесе тимот на Хулен Лопетеги во рано водство уште во седмата минута, но потоа на сцена стапи Халанд. Норвежанецот во 19. минута му асистираше на Махмуд Дау за 1:1, по што во 27. и 43. минута ја комплетираше „ремонтадата“ на шпански терен. Лук де Јонг во 84. минута намали на 2:3, но домаќините немаа сили за израмнување.

Со двата гола, Халанд има неверојатни 18 голови во Лигата на шампионите, со што се израмни кај Норвежаните на вечната листа со Џон Кару, додека пред него е само сегашниот менаџер на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер со 19 гола.  Да потсетиме, тој има само 20 години.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, ПРВ МЕЧ

Порто – Јувентус 2:1

Севилја – Борусија Дортмунд 2:3

Share
Scroll to Top