Раководството на Манчестер Јунајтед отвори официјални преговори со селекторот на американската репрезентација, Маурисио Покетино, за преземање на славниот клуб од „Олд Трафорд“.
Како што објави „Би-Би-Си Спорт“, извршниот директор Омар Берада и спортскиот директор Џејсон Вилкокс отпатуваа во Монако на итен состанок со ко-сопственикот на клубот, Сер Џим Ратклиф, за да ја формализираат одлуката за прекин на соработката со Мајкл Карик.
Јунајтед моментално се наоѓа во зоната за испаѓање на катастрофално 18-то место во Премиер лигата со само осум бода од првите 10 кола (една победа, пет нерешени и четири порази).
Тоа е најлошиот старт на клубот во лигата од сезоната 1986/87 (тогаш тимот го водеше славниот Сер Алекс Фергусон).
Англиските медиуми потсетуваат дека ова е четврти пат челниците на клубот од „Олд Трафорд“ да се обидат да го доведат аргентинскиот стручњак. Тие претходно преговараа со него во 2018 година по отпуштањето на Жозе Мурињо, во 2022 година пред доаѓањето на Ерик тен Хаг и на есен 2024 година.
Покетино моментално е селектор на САД, а во август го продолжи договорот со фудбалската асоцијација на таа земја. Сепак, неговиот договор содржи клаузула за откуп од 10 милиони долари (околу 7,5 милиони фунти) што Манчестер Јунајтед мора да ја активира за да го ослободи од репрезентативните обврски.
Покетино (54) е подготвен да се врати во клупскиот фудбал во Англија, каде што претходно ги тренираше Саутемптон, Тотенхем и Челзи, а исходот од средбата во Монако се очекува во наредните часови.
За време на неговата тренерска кариера, Аргентинецот ги водеше и Еспањол и Пари Сен Жермен, со кои беше шампион на Франција и победник на Купот на Франција и Лига Купот.
Во првиот следен натпревар по репрезентативната пауза, Манчестер Јунајтед ќе гостува кај својот најголем ривал, Ливерпул, на 22 ноември на „Енфилд“.
Foto/ Depositphotos






