Емилијано Мартинез, репрезентативниот голман на Аргентина, преку ноќ стана еден од најдобрите голмани во Премиер лигата.
Мартинез, од 2010 година, до сезона 2019/2020 беше член на Арсенал. Во Лондон не доби вистинска шанса, настапи на само 38 натпревари. Клубот го испраќаше на позајмици во Оксфорд, Шефилд венздеј, Ротерам, Вулверхемптон, Хетафе и Ридинг.
Среќата му се насмевна во финишот на сезоната 2019/2020. Мораше да застане на голот на Арсенал поради повредата на Бернд Лено. Ги покажа своите квалитети, а откако не доби гаранции дека ќе биде прв голман, за 20 милиони евра се пресели во Астон Вила.
Формата што ја покажа во Астон Вила му ја донесе „единицата“ во националниот тим. Мартинез беше еден од најзаслужните за освојувањето на титулата на Копа АМерика.
29-годишниот голман, раскажал дека никогаш не сакал да се пресели во Арсенал. Тешката финансиска состојба во која било неговото семејство го натерало да ја прифати понудата, од Индепендиенте да замине во Лондон.
„Арсенал дојдоа по мене, тогашниот тренер на Индепендиенте, Пеп Санторо, ми кажа дека тоа е шанса која се добива еднаш во животот. На ист начин размислуваа мојот менаџер и семејството. Тоа беше нивна, а не моја одлука. Јас не сакав да заминам. Сакав да играм за Индепендиенте. Знаев дека за година или две ќе играв за првиот тим. Меѓутоа семејството имаше финансиски проблеми. Во Арсенал заминав од финансиски, а не од спортски причини“, рекол Мартинез.