Фудбалерот на Манчестер јунајтед и репрезентативец на Англија, 27-годишниот Маркус Рашфорд, дефинитивно ќе игра за Барселона во новата сезона.
Како што објави секогаш добро информираниот новинар и инсајдер Фабрицио Романо, Каталонците утрово испратиле официјална понуда до Манчестер јунајтед и постигнат е договор меѓу двата клуба.
„Позајмица со опција за откуп!“
Сите детали од договорот се финализираат, Манчестер јунајтед го одобри заминувањето на Рашфорд во Шпанија, каде што се очекува да помине медицински прегледи и официјално да го потпише договорот.
Во последните 24 часа, Барселона дефинитивно се сврте кон Маркус Рашфорд откако беше утврдено дека договорот со Колумбиецот Луис Дијаз од Ливерпул ќе биде прескап.
Доаѓањето на Маркус Рашфорд го одобри и тренерот Ханси Флик.
Маркус Рашфорд е дете на Манчестер јунајтед, тој играше за познатиот англиски клуб за прв пат во 2016 година, но во меѓувреме падна во немилост на менаџерот Рубен Аморим и го помина вториот дел од минатата сезона на позајмица во Астон Вила. Тој одигра 17 натпревари за клубот од Бирмингем, постигна четири гола и додаде шест асистенции.
Рашфорд одигра вкупно 426 натпревари за Манчестер јунајтед и постигна 138 гола.
Foto/ EPA