Лионел Меси ги завршил преговорите со Барселона и ќе остане во клубот со нов договор до 2026 година, односно до својата 39. година, но со 50 отсто помала плата, тврди каталонскиот „Спорт“.
Барселона подолго време се обидува да ги среди своите финансии за да може да му даде договор на 34-годишниот Меси по неговото истекување на крајот на јуни, и сега преговорите се завршени, но Барса мора да продолжи со намалувањето на своите обврски за плати за да се осигура почитување на правилата на шпанската Ла лига пред да биде објавен. Сепак, работата според „Спорт“ е завршена по денешниот состанок со таткото и менаџерот на Меси, Хорхе Меси.
Дека изјавите за љубовта кон клубот не се празни, зборува одлуката на Меси да прифати намалување на платата за дури 50 отсто, откако претходно во последните четири години заработи речиси 500 милиони евра. Сега тој ќе зема 300.000 евра помалку секоја недела!
Барселона уште мора да ги намали трошоците за плати, за да може да го регистрира Меси, но и новите засилувања, Мемфис Депај, Серхио Агуеро, Ерик Гарсија и Емерсон Ројал. Се верува дека Барса се обидува да ги намали платите на Жерард Пике, Серхио Бускетс, Жорди Алба и Серхи Роберто за фантастични 40 отсто, а исто така да се продадат и Самуел Умтити, Миралем Пјаниќ и Мартин Брејтвајт.