Дербито на Манчестер е натпреварот што ќе го обележи 12.коло во Премиер лигата на Англија. Јунајтед и Сити, ривалството го започнале во 1881 година, а вечерва ќе го одиграат 183 меѓусебен дуел.
Соседите, чии стадиони се оддалечени само 4,2 километри, на табелата ги дели еден бод, Јунајтед се седми, а Сити осми во поредокот.
Манчестер јунајтед, во пресметката со Манчестер сити, влегува со серија од четири победи во Премиер лигата, но и разнишана самодоверба, откако беа елиминирани од Лигата на шампионите.
Јунајтед европската авантура ќе ја продолжи во Лига Европа, што секако е неуспех за тимот на Оле Гунар Солскјер, особено што Лигата на шампионите ја започнаа со победа во Париз над ПСЖ, а птооа го декласираа Лајпциг.
Елиминацијата од Лигата на шампионите само го сголеми притисокот врз менаџерот на „црвените ѓаволи“. Некои медиуми во Англија тврдат дека Норвежанецот ќе добие отказ доколку не извојува победа над Манчестер сити.
Солскјер, како и пртив Лајпциг, нема да може да смета на услугите на Единсон Кавани и Ентони Марсијал.
За разлика од Јунајтед, Сити без проблеми ја минаа за нов лесната група во Лигата на шампионите. Во конкуренција на Порто, Олимпијакос и Марсеј, Сити освоија 16 од можните 18 поени.
За „граѓаните“, во дербито нема да настапат Илкај Гундоган и Ерик Гарсија.
Последниот натпревар во Премиер лигата им припадна на Јунајтед, славеа 2:0, со головите на Марсијал и Мектоминеј.
Дербито на Манчестер вечерва ќе започне во 18.30 часот.