Нејмар ги прави навивачите луди: Не помислувам да си одам од ПСЖ!

пред 4 години

Иако пред нешто повеќе од една година, јавно зборуваше за желбата да се врати во Барселона, Нејмар сега вели дека на ум не му паѓа идејата да си замине од Пари Сен-Жермен, најверојатно по кризата во каталонскиот клуб. Нејмар постигна хет-трик при 5:1 победата над Башакшехир, за да стане првиот фудбалер во историјата на Лигата на шампионите кој постигнал повеќе од 20 голови за два клуба во натпреварувањето. ПСЖ за него плати рекордни 222 милиони евра во 2017, и тој постојано е поврзуван со враќање во Каталонија, и иако договорот му завршува следната сезона, сега најавува дека сака нов договор. „Многу сум среќен тука во Париз. Среќен сум во клубот, со моите соиграчи и не ми паѓа на ум да си заминам. Да, ќе треба да зборуваме за мојата иднина, но односите се навистина добри“, вели 28-годишниот Нејмар за „РМЦ спорт“. Претседателот на клубот, Насер Ал-Хелаифи, по мечот исто така призна дека ПСЖ преговараат со Нејмар и со Килијан Мбапе, чиј договор исто така трае до 2022 година. „Почнавме да разговараме со нив. Преговорите ќе останат доверливи, но сигурен сум дека ќе имаме договор. Двајцата сакаат да останат со нас“, изјави Хелаифи.

Share
Scroll to Top