Нигеријците испаднаа борбата за СП и ги обвинија ривалите дека користеле вуду магија

Нигеријците испаднаа борбата за СП и ги обвинија ривалите дека користеле вуду магија

пред 4 часа

Селекторот на фудбалската репрезентација на Нигерија, Ерик Челе, ги обвини играчите на ДР Конго дека користеле вуду магија за време на драматичното изведување на пенали во финалето на плејофот за Светското првенство.

ДР Конго победи со 4:3 откако натпреварот заврши 1:1, со што обезбеди место во Интерконтиненталниот плејоф и ја исфрли Нигерија од квалификациите.

Нигерија поведе во третата минута со голот на Френк Оњека, но Мешак Елија израмни за ДР Конго во 32-та минута. На крајот, пенал рулето реши која селекција ќе продолжи понатаму. Конгоанците беа поуспешни и обезбедија пласман во последната фаза од квалификациите за пласман на СП.

Откако Шансел Мбемба го постигна победничкиот пенал, Челе влезе во вербална расправија со неколку членови на стручниот штаб на ДР Конго, вклучувајќи го и селекторот Себастијан Десабре. Тензиите беа смирени од членовите на нигерискиот тренерски штаб.

Десабре го минимизираше инцидентот на прес-конференција, велејќи дека конфликтот „не бил проблем“. Сепак, на крајот од својот говор, Челе ги праша новинарите зошто никој не го спомна инцидентот и рече дека Конгоанците користеле врач.

Челе подоцна ги повтори обвинувањата додека шеташе низ медиумската зона: „За време на изведувањето на пенали, конгоанските играчи правеа вуду.“

Мавтајќи со раката, нигерискиот тренер ги имитираше наводните движења со рацете од конгоанската клупа, а потоа рече: „Не знам дали беше вода или нешто слично.“

Претставник на Фудбалската асоцијација на ДР Конго ги негираше тврдењата на Челе.

Share
Scroll to Top