Рајо Ваљекано со македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски на голот му го нанесе првиот пораз на актуелниот шампион Реал Мадрид во Ла Лига оваа сезона. Во драматичен натпревар Рајо славеше со 3:2 по многу пресврти.
Санти Комесана во петтата минута го изненади Реал, но „кралевите“ возвратија со голот од пенал на Лука Модриќ, како и погодокот на Милитао со глава по корнерот од десната страна.
Кога сите мислеа дека Реал Мадрид ќе замине со предност на одморот, Алваро Гарсија постигна фантастичен гол во 44.минута за израмнување, 2:2.
Во 67.минута, беше досуден пенал за Рајо Ваљекано. Тибо Куртоа го одбрани ударот на Оскар Трехо, но пеналот беше повторен затоа што Дани Карвахал побрзо влетал во шеснаесетникот. Вториот обид на Оскар Трехо беше поуспешен и донесе триумф за тимот од преградието на Мадрид.