Фудбалерот на Реал Мадрид, Еден Азар беше фатен од камерата како по синоќешниот реванш полуфинален меч во Лондон кај Челси се смее и се забавува со своите поранешни соиграчи.
Влијателниот „El Chiringuito TV“ пренесува дека раководството на клубот Белгиецот го ставило на трансфер листа.
Ваквото однесување на фудбалерот наишло на остра реакција во шпанските медиуми. Тој на теренот помина 89 минути, и според мислењето на многумина, беше еден од најслабите. Имаше само неколку контакти со топката, без поголем учинок.
„Азар ни се смееше на сите в лице. Две години го тестира трпението на навивачите на Реал. Ништо нема направено. Доби можност од Зидан во најважниот натпревар и буквално не го видовме на теренот. Белгиецот не заслужува ниту секунда повеќе да биде во Мадрид“ пишуваат речиси сите медиуми во Шпанија.
Белгискиот фудбалер во 2019 година дојде во Реал од Челси за 100 милиони евра. Поголемиот дел во Кралскиот клуб го помина санирајќи повреди, а на теренот беше само бледа сенка од она што го покажуваше во „синиот“ дрес.
Реал Мадрид мора брзо да се опорави од поразот на „Стемфорд Бриџ“ затоа што го чека битка за титулата во Шпанија, со Атлетико и со Барселона.