Сити домаќин на Наполи, Барселона гостува во Њукасл

Сити домаќин на Наполи, Барселона гостува во Њукасл

пред 6 часа

Вечерва со нови шест натпревари ќе биде комплетирано првото коло во Лигата на шампионите. Погледите на фудбалската јавност ќе бидат насочени кон Англија, во Манчестер, Сити ќе го пречека италијанскиот првак Наполи, а во Њукасл ќе гостува Барселона.

Натпреварот на „Етихад“ стадионот во Манчестер ќе биде емотивен за домашниот клуб и неговите фанови, Кевин Де Брујне ќе го предводи Наполи. Бегиецот минатото лето по 10 години го напушти Сити, откако клупските челници не му понудија нов договор. Де Бријне ја прифати понудата од Наполи и веќе се наметна како лидер во тимот.

Менаџерот на домашниот тим Пеп Гвардиола подели комплименти за противникот од Неапол.

„Тимот што ја освои Серија А – тоа значи дека тренерот и играчите завршија неверојатна работа. Кога ќе ја освоите титулата, секој играч секогаш игра максимално. Каде и да бил Антонио Конте, тој оставил свој белег. За мене, титулата на Наполи не е изненадување“, додаде Гвардиола.

Сити игра променливо од почетокот на сезоната, стартуваше со победа во Премиер лигата, потоа загуби два натпревари, а викендов лесно славеше над градскиот ривал Јунајтед. Од друга страна Наполи дојде во Англија во одлично расположение. Шампионот на Италија забележа три победи во Серија А против Фиорентина, Каљари и Сасуоло.

Сепак, Конте повикува на претпазливост, но исто така истакнува дека е среќен што се враќа на стадионот на Манчестер сити.

„Секогаш е емотивно бидејќи ова е најважното европско натпреварување и ни овозможува да се вратиме на фантастични стадиони како овој. Бев тука и претходно со моите клубови Челзи и Тотенхем, но ова ми е прв пат да играм против Манчестер сити во Европа“, рече Конте.

Манчестер сити го победи Наполи двапати во 2017 година, со 2:1 и 4:2.

„Не го знаев тоа! Секако ќе биде тежок натпревар, бидејќи Манчестер сити освои практично сè што беше можно да се освои во последните неколку години. Зборуваме за врвен клуб со врвен тренер. Доаѓаме тука со голема скромност, но и желба да разбереме не каде сме сега, бидејќи ова е само почеток на проектот што го започнавме минатата година, туку дали растеме според планот“, објасни Конте.

Лига на шампиони, 1.коло:

Бриж – Монако 18.45 часот
Копенхаген – Баер Леверкузен 18.45
Ајнтрахт Франкфурт – Галатасарај 21.00
Манчестер сити – Наполи 21.00
Њукасл – Барселона 21.00
Спортинг Лисабон – Каират 21.00

Share
Scroll to Top