Оле Гунар Солскјер вели дека фудбалерите на Манчестер јунајтед едноставно мора да се соочат со тоа дека ги чека напорен распоред до крајот на сезоната, со надеж да се заврши 2021 со успех.
На Јунајтед им преостануваат најмалку 12, а најмногу 17 натпревари до крајот на сезоната – денеска играат со Лестер во четврт-финалето на ФА купот, а по интернационалната пауза во четврт-финалето на Лига Европа ги пречекуваат Гранада. Солскјер вели дека тоа е реалноста кога се игра за таков клуб.
„Ако сакате лесен, удобен живот, тогаш не играте за Манчестер јунајтед. Морате да бидете ментално силни, физички подготвени и фит. Да бидете успешни морате да ги поминете овие предизвици. Ако се работи на опоравувањето од натпреварите, тогаш се влегува во ритам. Ако ја завршиме успешно оваа сезона, следната година, или за две или пет, ќе мора да играме 45-50 натпревари во сезоната, тоа е барање за сите фудбалери на Манчестер јунајтед. Ако имаме пет-шест-седум такви фудбалери, тогаш одиме на трофеи“, вели Солскјер.
Четири фудбалери на Јунајтед – Маркус Рашфорд, Бруно Фернандеш, Хери Мегваер и Арон Ван-Бисака веќе имаат над 40 настапи за Јунајтед оваа сезона. Рашфорд има најмногу со 45 меча, но Мегваер е рекордер по бројот на минути, со речиси 4.000 оваа сезона.