Лукас Тореира признава дека „лошото време“ кое го поминал во втората сезона во Арсенал во 2019/20, го натерало да побара помош од психолог.
Уругваецот беше стандарден првотимец за „топчиите“ откако се приклучи од Сампдорија во 2018 година, но откако Унаи Емери беше заменет од Микел Артета веќе ја немаше довербата на менаџерот, а потоа во март 2020 доживеа сериозна повреда на скочниот зглоб.
„Пред една година почнав да работам со психолог во Шпанија бидејќи втората сезона во Арсенал не играв многу. Беше навистина тешко да се прифати тоа бидејќи мојот живот зависи од фудбалот и кога не играм многу ми е лошо, расположението ми е никакво и се случуваат глупости. Затоа решив да побарам помош. Пред неколку години би кажале дека сум луд ако одам на психолог, но тоа сега е нормално за сите спортисти“, вели Тореира.
25-годишниот Тореира минатата сезона беше позајмен во Атлетико Мадрид, но ниту таму не се наигра. Потоа во март ја загуби својата мајка од корона вирусот.
„Не можев да се вратам во Шпанија, бидејќи таму бев сам. За среќа еден од моите браќа дојде со мене. На мојот татко му беше најтешко, бидејќи постојано беше со својата мајка и беше тешко да го оставиме. Сепак, животот продолжува“, изјави Тореира.