Торино под притисок на ЛГБТ-организациите по потписот со Брекало

Торино под притисок на ЛГБТ-организациите по потписот со Брекало

пред 3 години

Секретарот на италијанската асоцијација за заштита на правата на ЛГБТ заедницата, Марко Арлати побара состанок со првите луѓе на прволигашот Торино, откако „биковите“ во текот на летниот преоден рок го донесоа Хрватот Јосип Брекало, кој во минатото се спротистави на носењето на капитенска лента во боите на виножитото.

Брекало пред три години, додека беше фудбалер на Волфсбург, јавно го искажа своето незадоволство од ваквиот потег, објаснувајќи го тоа со своите „христијански вредности“.

„Јас бев одгледан религиозно, и ако некој избере поинаков начин на живот, тоа е во ред со мене бидејќи е нивна работа, но не сакам да носам специјален симбол за некој друг, нешто што е во спротивност со моите христијански погледи на светот“, изјави тогаш Брекало.

Арлати вели дека сака да има разговор со Брекало и со управата на клубот.

„Сакаме да го вратиме на сцена проектот против хомофобијата и пристигнувањето на Брекало во Серија А е најдобра шанса да се промовира различноста во фудбалот, каде што хомосексуалноста останува табу и покрај напредокот. Подготвени сме да се сретнеме со Брекало, тренерот и директорите на Торино. Не верувам дека Брекало е хомофобичен или дека има екстремна позиција, тој едноставно има католичко образование. Одредени позиции се судираат со реалноста на денешницата, почнувајќи од спортот како двигател на човековите права“, изјави Арлати.

Share
Scroll to Top