Тухел ќе го напушти Баерн на крајот од сезоната

Тухел ќе го напушти Баерн на крајот од сезоната

пред 9 месеци

Томас Тухел по завршувањето на сезоната ќе го напушти кормилото на Баерн Минхен. Информацијата ја објави новинарот на „Скај спорт Германија“, Флоријан Платенберг. Според него Тухел ова го договорил на состанокот со клупските челници.

„По отворената дискусија помеѓу Баерн и Томас Тухел, одлучено е да се разделат на крајот на сезоната. Официјалното соопштение е прашање на минути“, објави Флоријан Плетенберг.

Баерн го тресе голема криза. По поразот од лидерот Баер Леверкузен (3:0) со кој актуелниот шампион ја зголеми разликата во однос на единствениот конкурент за титулата и загубениот прв натпревар, во осминафиналето од Лигата на шампионите кај Лацио (1:0 ), следуваше нов шок. Баерн загуби и од Бохум (3:2) во Бундеслигата за трет пораз во низа. Последен пат тоа му се случило во пролетта 2015 година.

Незапирливиот Леверкузен повторно победи, па Баерн сега заостанува осум бода зад водечкиот тим и речиси е сигурно дека по 11 сезони ќе остане без титулата во Бундеслигата.

Томас Тухел, во март минатата година го презеде Баерн, кога на општо изненадување клубот го отпушти Јулијан Нагелсман. Имаше среќа и ја освои титулата, но оваа сезона работите не одат добро.

Сега се поставува прашањето кој ќе биде новиот тренер на Баерн. И тука ќе се води интересна битка бидејќи за следната сезона нови тренери бараат Ливерпул и Барселона.

Новинари блиски до Баерн пишуваат дека Чаби Алонсо е првиот избор на клубот за наследник на Тухел. По завршувањето на импресивната кариера во Минхен, тој се истакна како тренер во Леверкузен, со кого оваа сезона оди по тројната круна. Уште еден стручњак кој сериозно се споменува е Зинедин Зидан, а според италијанските медиуми во конкуренција се и Жозе Мурињо и Антонио Конте.

Share
Scroll to Top