Ферги беше во право? Роналдо може до хет-трик со Милвол, Меси не

Ферги беше во право? Роналдо може до хет-трик со Милвол, Меси не

пред 3 години

Сер Алекс Фергусон никогаш не криел дека го смета Кристијано Роналдо за најдобар играч на светот, „His Boy“, миленик и фаворит. Но, коментарите на легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед повторно добија на сила на социјалните мрежи по различните стартови на Роналдо и неговиот најголем ривал Лео Меси во своите нови клубови.

Додека Роналдо во првите три меча по враќањето на „Олд Трафорд“ постигна четири гола за Јунајтед, предводејќи ги до две победи и еден пораз (во ЛШ), првите три меча на Лео Меси во Пари Сен-Жермен се за заборав – нула голови, и контроверзи по лутењето по вчерашната доцна замена. Неговиот тим, пак, стигна до две победи и едно реми во тие три меча.

Во 2015 година, Фергусон во разговор со снукер легендата Џон Перот ги спореди двајцата фудбалери.

„Што кажуваат луѓето кој е најдобриот фудбалер на светот? Многу луѓе со право ќе кажат Меси – не можете да го побиете тоа мислење. Но, Роналдо би можел да игра за Милвол, Квинс Парк Ренџерс, Донкастер Роверс… Било кој тим на светот, и да постигне хет-трик. Не сум сигурен дека Меси го може тоа. Тој е фудбалер за Барселона“, изјави тогаш Шкотланѓанецот.

Share
Scroll to Top