Фиорентина е подготвена да го продаде српскиот напаѓач Душан Влаховиќ по интересот на повеќе европски клубови, но било која понуда не смее да биде под 60 милиони евра, тврди „Скај спорт Италија“.
21-годишниот Влаховиќ импресионираше со формата оваа сезона со 17 гола во 32 меча во Серија А, и се верува дека повеќе клубови од Англија и Шпанија се заинтересирани за младиот српски репрезентативец. Тој беше поврзуван со трансфери во Милан и Рома, но газдата на Фиорентина, Роко Комисо не сака да се предаде лесно и би сакал да има договор како по продажбата на Федерико Киеза на Јувентус.
Јуве плати 10 милиони евра за позајмица на Киеза, и има опција да го купи за 40 милиони евра, нешто што сигурно ќе го направат ова лето.
Продажбата на уште еден талентиран фудбалер, сигурно нема да помине без бунт на навивачите, кои сметаат дека новиот американски сопственик Комисо не ги исполнува ветувањата за градење на нова силна Фиорентина.