Хамилтон со маестрална победа во Португалија, Ферстапен многу далеку

Хамилтон со маестрална победа во Португалија, Ферстапен многу далеку

пред 3 години

Луис Хамилтон и Мерцедес се вратија со фантастична победа на Португалското ГП, покажувајќи дека е прерано да се зборува за прекин на доминацијата на „сребрената стрела“, откако седумкратниот светски шампион успеа да се врати по раното претекнување од Макс Ферстапен, и потоа да го помине освојувачот на пол-позицијата Валтери Ботас на пат до супериорна втора победа во три трки оваа сезона. Ова е вкупно 97. победа во кариерата на неверојатниот Британец.

Хамилтон немаше најдобар старт и беше поминат од Ферстапен на третото место, но откако Кими Раиконен се судри во својот колега од Алфа Ромео, Антонио Џовинаци, по рестартот лесно го помина Ферстапен, а потоа и Ботас за потоа до крајот на трката да биде недостижен за возачот на Ред бул.

Ферстапен, пак, успеа да ја искористи грешката по излегувањето од боксот на Валтери Ботас да го грабне второто место и да ја минимизира „штетата“, додека Ботас повторно беше само трет. За утеха на Ботас е најбрзиот круг (и дополнителниот поен) освоен во последниот круг од трката. Хамилтон сега има 69 поени на врвот во генерален пласман, додека Ферстапен е втор со 61.

Серхио Перез ја заврши трката на четвртото место во вториот Ред бул, по што Лендо Норис во Мекларен беше далеку пред Шарл Леклер во Ферари, додека во поени завршија и двајцата возачи на Алпине, Естебан Окон и Фернандо Алонсо, како и Даниел Рикардо (Мекларен) и Пјер Гасли (Алфа Таури).

Возачите нема да имаат многу време за одмор, бидејќи веќе следниот викенд се вози Шпанското ГП во Барселона на патеката „Каталуња“.

Share
Scroll to Top