Aнглија и Шкотска се сретна на „Вембли“ во најстарото фудбалско репрезентативно дерби (првиот меч се одигра во далечната 1872 година), а и покрај тоа што „трите лава“ беа сметани за апсолутно фаворити, на крајот мораат да бидат задоволни што освоија поен против инспирираните Шкотланѓани.
За разлика од првиот меч на Шкотска, поразот од Чешка, овојпат „тартан армијата“ покажа дека со доволна мотивација може да ги испоти и најдобрите репрезентации на светот, нешто што треба да биде „закана“ кон Хрватите, со кои ќе играат одлучувачки меч во последното коло за пласман во осминафиналето.
Англичаните имаа подобар старт на мечот, кога Џон Стоунс ја погоди стативата по еден фантастичен скок, а потоа и Фил Фоден имаше неколку шанси, но Шкотланѓаните се заканија преку Че Адамс и го кренаа нивото на играта при крајот на полувремето.
Во второто полувреме, Шкотска беше поактивна, додека од другата страна Англичаните беа безопасни, посебно преку вечерва слабиот Хери Кејн, кој беше заменет од Маркус Рашфорд.