Во ретко обраќање до своите фанови, ко-претседателот на Манчестер јунајтед, Џоел Глејзер напиша писмо до навивачите на „ѓаволите“ по колапсот на проектот за Европската Суперлига, признавајќи дека направиле грешка.
Семејството Глејзер ретко комуницира со фановите по преземањето на клубот во 2005 година, но сега по третпат во три дена објавува соопштение до јавноста. Фановите не се среќни, а поранешниот капитен Гери Невил побара клубот да биде продаден.
„До навивачите на Манчестер јунајтед. Последните неколку дена, сите бевме сведоци на големата страст која ја носи фудбалот и лојалноста на нашите фанови кон овој голем клуб. Ја кажавте гласно вашата спротиставеност кон Европската Суперлига и ве послушавме. Згрешивме и сакаме да покажеме дека можеме да ги поставиме работите на вистински пат. Продолжуваме со вербата дека се потребни промени во европскиот фудбал, но прифаќаме дека Суперлигата не е вистински пат“, напиша меѓу другото Глејзер.