Европската куќа на ракометот (ЕХФ) ја донесе конечната одлука во врска со инцидентите во полуфиналниот натпревар од Купот на ЕХФ помеѓу Партизан и АЕК Атина.
Во реваншот во Белград, грчките ракометари за време на загревањето, кога експлодираа две петарди, решија да се повлечат и да не го играат натпреварот.
Подоцна, реваншот се одигра во бугарскиот град Шумен, кога Партизан го надомести дефицитот од пет гола, но потоа беше елиминиран по изведувањето пенали.
ЕХФ, одреди драконска казна за спрскиот шампион.
Црно-белите ќе ги играат следните пет европски натпревари без публика, три веднаш на почетокот на следната сезона, а две подоцна.
Српскиот шампион беше казнет и со вкупно 19.500 евра – 15.000 за однесувањето на навивачите и 4.500 за политички транспарент.
Клубот ќе ги сноси сите трошоци за организирање на натпреварот во Шумен, каде што беше одигран реваншот со Грците.
Жалбата е можна во рок од седум дена.
Слична тактика челниците на АЕК се обидоа да применат и во финалето против Алкалоид во Скопје. Откако Алкалоид го доби првиот меч во Атина (29:25), во реваншот ракоемтарите на грчкиот тим одбија да излезат на теренот во арената „Борис Трајковски“ бидејќи нивните навивачи не биле во салата.
На крајот, по речиси две недели, ЕХФ донесе одлука да го регистрира мечот со службен резултат 10:0 и да му ја додели титулата на Алкалоид.