Македонскиот репрезентативец, Езгијан Алиоски, од наредната сезона ќе го носи дресот на Галатасарај. Во редовите на турскиот великан, Алиоски, ќе се пресели како слободен играч.
Алиоски се решил на ваков чекор откако пропаднале обидите да го продолжи договорот со Лидс јунајтед. Левиот бек не бил задоволен од финансиските услови кои му ги понудил актуелниот клуб.
Турскиот медиум„Фотомак“, повикувајќи се на свои извори во клубот, пишува дека Алиоски побарал од Галатасарај, договорот да биде објавен откако ќе заврши сезоната.
Алиоски стравувал од реакцијата на навивачите на Лидс јунајтед, за кои Галатасарај е непријателски клуб. Омразата помеѓу навивачите на овие клубови трае од 2000 година, кога во Истанбул, пред дуелот на Галатасарај и Лидс јунајтед во Купот на УЕФА, двајца англиски навивачи беа избодени до смрт.
Алиоски, од почетокот на сезоната, за Лидс јунајтед, има одиграно 32 натпревари, постигнал два гола и забележал една асистенција.