(Видео) Тре Јанг го замолкна Сан Антонио, Вучевиќ подобар од Јанис

(Видео) Тре Јанг го замолкна Сан Антонио, Вучевиќ подобар од Јанис

пред 12 месеци

Изминатата ноќ се одиграа девет натпревари во НБА лигата, а еден од најинтересните е виден во „Фрост банк центарот“ во Сан Антонио. Атланта Хокс славеа против Сан Антонио Спарс 137:135. Ефикасно беше и во дуелот меѓу Мајами Хит и Индијана Пејсерс 142:132.

Јанг беше централна фигура на натпреварот, во Сан Антонио. Ги постигна последните седум поени за Атланта, натпреварот го заврши со 45 поени (15/29 од поле) и 14 асистенции. Дежонте Мареј, поранешен играч на Спарс постигна 24 поени.

Во редовите на Сан Антонио се истакнаа младите ѕвезди. Џереми Сохан имаше 33 поени, 8 скока и 6 асистенции, Девин Васел додаде 25 поени, Келдон Џонсон 22 поени и 11 скока, а Виктор Вембањама, првиот пик на претходниот драфт, имаше 21 поен и 12 скока. Сан Антонио се наоѓа во серија од 13 порази.

Од играчите од регионот, најдобар беше црногорскиот центар Никола Вучевиќ. Тој го предводеше Чикаго Булс до победа по продолжението од 120:113 над Милвоки Бакс. По 48 минути кошарка во Јунајтед центар резултатот беше 106:106.

Вучевиќ дуелот го заврши со 29 поени (11/21 од поле), 10 скока и 6 асистенции, додека Јанис Адетокумбо кај Милвоки запиша 26 поени, 14 скока и 5 асистенции.

Неверојатно звучи податокот дека откако Вучевиќ влезе во НБА во 2011 година, ниту еден кошаркар немал повеќе дабл-дабл натпревари од него. Тоа само го засилува впечатокот дека е еден од најпотценетите НБА играчи во изминатата деценија.

Кошаркарите на Оклахома ги победија Лос Анџелес Лејкерс со 133:110 и ја прекинаа серијата од два порази. Шеј Гилџес-Александер го предводеше победничкиот тим со 33 поени, седум асистенции и четири скока, Џејлен Вилијамс постигна 21 поен и седум асистенции, а Чет Холмгрен додаде 18 поени.

Во тимот од Лос Анџелес најефикасен беше Ентони Дејвис со 31 поен со 14 скока, Леброн Џејмс додаде 21 поен, 12 скока и шест асистенции.

Кошаркарите на Мајами ја победија Индијана со 142:132 и ја прекинаа серијата од три порази. Мајами победи благодарение на брилијантната четвртата четвртина во кој постигна 45 поени за прв пат од 1989 година, а тимот погоди 15 од последните 17 шута.

Џими Батлер го предводеше Мајами со 36 поени и 11 скока, Џејми Харкс постигна 24 поени, а Џош Ричардсон 19 поени.

Кај поразениот тим најефикасен беше Тајрис Халибартон со 44 поени и 10 асистенции. Оби Топин додаде 25 поени, а Брус Браун 15.

Share
Scroll to Top