На последниот ден од натпреварувањето на Олимпијадата во Пекинг немаше големи изненадувања – Норвешка го освои своето рекордно 16-то злато, Австрија доминираше во алпското скијање, а Германија продолжи со супериорноста во боб-санкањето.
Норвешката нордиска легенда, Терезе Јохауг стигна до своето трето злато во Пекинг, триумфирајќи на 30-километарската трка во крос-кантри скијање со 1:24:54 за да докаже дека е апсолутно најдобрата нордиска скијачка во историјата и покрај ниските температури и бруталните услови за трка. Таа исто така победи и во скијатлонот и во 10-километарската класична трка во Пекинг.
Американката Џеси Дигинс го освои среброто, за прв медал за САД во крос-кантри скијањето од 1976 година, додека бронзата отиде кај Финката Керту Нисканен.
Австријците, пак, триумфираа во мешаната трка во паралелен слалом, победувајќи ја Германија во финалето, додека Микаела Шифрин си замина од Пекинг без медал, откако Американците загубија од Норвешка во трката за третото место.
Во австрискиот тим беа Катарина Хубер, Катарина Линзбергер, Катарина Трупе, Штефан Брештајнер, Михаел Мат и Јоханес Штролц.
Германците ја комплетираа доминацијата во боб-санкањето, откако Франческо Фридрих повторно освои двојно злато. Најдобриот боб-санкач на денешницата, победи како возач на боб-четворосед во Пекинг заедно со Торстен Маргис, Канди Бауер и Александер Шулер за второ злато по тоа во боб-двосед.
Среброто отиде кај вториот германски состав, со Јоханес Лохнер како пилот и со Флоријан Бауер, Кристофер Вебер и Кристијан Расп во тимот, додека бронзата отиде кај Канада со Џастин Крипс, Рајан Сомер, Кем Стоунс и Бенџамин Коуквел.
До првото злато во Пекинг стигна и Велика Британија, откако Ив Мјурхед го предводеше женскиот карлинг тим до убедлива 10:3 победа над Јапонија во финалето, еден ден откако машката карлинг репрезентација освои сребро.