Елиф Елмас и офивцијално е нов играч на Лајпциг. Третопласираниот клуб во Бундес лигата за трансферот на македонскиот репрезентативец издвои 25.000.000 евра.
Договорот беше потпишан до јуни 2028 година, а стапува на сила на 1 јануари. Следниот ден Елмас ќе им се придружи на новите соиграчи на мини-подготовки за пролетниот дел од сезоната. Од таборот на Лајоциг објавија дека играчот од средниот ред го одбрал бројот шест.
„Со трансферот на Елиф Елмас успеавме да затвориме важна позиција во напаѓачката линија од која заминува Емил Форсберг. Го следиме Елмас долго време, тој е многу возбудлив играч кој со себе го носи „целиот пакет“, одлично одговара на потребите на нашиот тим, навистина ни се допаѓаат неговите квалитети и доблести“, изјави Рувен Шридер, спортски директор на Лајпциг.
Eljif Elmas will join RB Leipzig from January 2024!
Welcome to the club, Eljif!
— RB Leipzig English (@RBLeipzig_EN) December 27, 2023
И Елмас не го криеше задоволството што по Серија А кариерата ќе ја продолжи во германската лига.
„За мене е остварување на сонот што се преселив во Бундес лигата и дека ќе играм за Лајпциг. Фудбалската филозофија на клубот е контрапресинг, брзина и офанзивна моќ, што е стил кој совршено ми одговара. Овој тим е добар спој на млади врвни таленти, кои можат да се развиваат овде, и играчи кои долго време се во Лајпциг и носат искуство. Поради сето тоа преселбата во Лајпциг е вистинскиот потег за мене“, истакна Елмас за клупската веб-страница.
Елиф Елмас е роден во Скопје, играше за Работнички од кој се пресели во Фенербахче, а оттаму во 2019 година во Наполи за кој одигра речиси 185 натпревари и постигна 19 голови.
Ќе остане запишан во историјата на Наполи, како дел од тимот кој по 33 години ја врати титулата во градот под Везув.