Иран бара натпреварите на СП да ги игра во Мексико

Иран бара натпреварите на СП да ги игра во Мексико

пред 3 часа

Иран објави дека преговара со ФИФА, натпреварите на Светското првенство да не ги игра на територијата на САД.

Амбасадата на Иран во Мексико изјави дека нивната фудбалска федерација сака натпреварите да се одржат во земјата, но се верува дека ФИФА не е спремна да ги помести натпреварите помалку од 100 дена пред почетокот на натпреварувањето.

Неизвесноста околу учеството на Иран се зголеми по избувнувањето на конфликтот со САД и Израел, а минатиот четврток Трамп ја објави и пораката: „Иранската фудбалска репрезентација е добредојдена на Светското првенство, но навистина не верувам дека е соодветно тие да бидат таму“.

Неговите изјави предизвикаа брза реакција од Иран. „Откако Трамп експлицитно изјави дека не може да ја обезбеди безбедноста на иранската репрезентација, сигурно нема да патуваме во Америка“, рече Мехди Таџ, претседател на Иранската фудбалска асоцијација.

„Моментално преговараме со ФИФА за одржување на натпреварите на Иран на Светското првенство во Мексико“.

Иран треба да игра против Нов Зеланд, Белгија и Египет на западниот брег на САД во јуни. Првите два натпревари се закажани на стадионот „СоФи“ во Лос Анџелес, а третиот во Сиетл.

Иако Светското првенство технички е организирано од Мексико, Канада и САД, огромното мнозинство натпревари се играат во Соединетите Американски Држави. Доколку Иран ја помине групата, многу е веројатно дека ќе се сретне со САД во нокаут фазата.

На прашањето од „Политико“ за вклученоста на Иран една недела претходно, Трамп одговори: „Навистина не ми е гајле“.

Официјалното повлекување на Иран би било прво во модерната ера на натпреварувањето, а ФИФА би се нашла во позиција експресно да најде замена.

Сепак, Азиската фудбалска конфедерација (АФК) во понеделникот изјави дека не добила никакво известување за повлекувањето на Иран.

„Конечната одлука за настапот ја носи федерацијата, а тие досега не потврдиле дека ќе го бојкотираат СП“, изјави за „Ројтерс“, генералниот секретар на АФК, Виндзор Џон.

Иран на СП треба да игра во Г-групата, во која се и Белгија, Египет и Нов Зеланд.

Foto/ EPA

Share
Scroll to Top