Хери Кејн повторно зборуваше за недостатокот на титули во неговата кариера по шпекулациите дека сака да замине од Тотенхем, потврувајќи дека има „горлива желба“ да ги освои најголемите титули во светот на фудбалот.
Тотенхем го продолжија „постот“ без титули на 13 години, откако загубија со 1:0 од Манчестер сити во финалето на Англискиот лига куп, со што Кејн уште го чека првиот трофеј во кариерата. Шпекулациите велат дека тој среќата ќе ја побара во друг клуб, со Манчестер јунајтед и Реал Мадрид како можни дестинации.
„Индивидуалните награди се одлични и се големи постигнувања, но целта како фудбалер е да се освојуваат тимски трофеи. Сакам да се борам за најголемите фудбалски титули и во моментов не го правиме тоа. Повеќе би сакал тимски отколку индивидуални награди. Уште сме далеку од нивото на Сити и од тимовите на врвот на лигата“, изјави тој при добивањето на наградата за најдобар играч во Премиер лигата.