Тренерот на Интер, Кристијан Киву, изјави дека е задоволен од пристапот и ангажманот на неговиот тим во натпреварот против Милан, но додаде дека „нероаѕурите“ мора да ја подобрат својата игра во остатокот од сезоната, пренесоа италијанските медиуми.
Во неделата, играчите на Интер беа поразени од градскиот ривал Милан со 1:0 во натпреварот од 12-то коло од Серија А. Единствениот гол на натпреварот го постигна Кристијан Пулишиќ во 54-та минута, а 20 минути подцна Хакан Чалханоглу не реализира пенал за Интер.
„Играта и концентрацијата беа таму, не реагиравме добро на контранападите. Единствениот пат кога игравме со долга топка, Милан постигна гол. Но, заслугата за добрата игра им припаѓа на момците кои се обидоа на секој начин. Тоа е духот што сакам да го видам“, рече Киву.
Тренерот на Интер одби да го обвини голманот Јан Зомер за поразот на неговиот тим.
„Не зборувам за поединци, тоа не е фер. За мене, моите играчи се најдобри и никогаш не би покажал прст кон никого бидејќи кога го правиш тоа, мириса на неуспех. Сите сме во оваа ситуација, можевме да играме подобро, но статистиката е таква каква што е. Наша обврска е да се издигнеме“, додаде тренерот на Интер.






