Иако Јирген Клоп вели дека му поминала лутината од финалето на Лигата на шампионите во 2018 година, кога Реал Мадрид го победија неговиот Ливерпул со 3:1, а Серхио Рамос го повреди Мохамед Салах, Германецот вели дека би требал да размисли да го покани капитенот на Реал Мадрид на неговата роденденска забава.
Рамос нема да биде во составот за утрешниот дуел поради повреда, но дури 14 од 22-те фудбалери кои го стартуваа тој меч, може повторно да се најдат на теренот на стадионот „Алфредо ди Стефано“.
„Не сме тука на одмазничка турнеја. Не верувам во одмазда, но би било убаво да победиме! Мотивацијата ми е на највисоко ниво бидејќи се работи за Лигата на шампионите, на меч против Реал Мадрид. Нема врска со 2018. Секако кога ја дознавме ждрепката помисливме на тој меч. Реков по мечот во 2018 дека да ме прашаше некој веднаш дали би го поканил, Серхио Рамос на мојот 60. роденден би кажал не. Но, сега, би размислил за тоа. Не се работи за тоа дека не е голем фудбалер, но навистина не ми се допаѓаше тоа што се случи таа вечер“, вели Клоп.