Шпанскиот тренер, Луис Енрике размислува да го напушти Пари Сен Жермен на крајот од тековната сезона, и покрај тоа што постигна историски успех со клубот. Според германски „Билд“, Енрике не планира да го продолжи договорот, кој истекува во јуни, бидејќи бара нови предизвици во кариерата.
Главната причина за неговото евентуално заминување лежи во желбата за нов професионален предизвик. Бидејќи ќе биде слободен тренер на крајот на јуни, Енрике би можел да стане исклучително привлечен кандидат за водечките светски репрезентации кои ќе бараат селектор за новиот циклус по Светското првенство.
Друга можна причина е малиот пад на формата на ПСЖ оваа сезона. Иако резултатите не се лоши, тие не се на нивото на доминација од минатата сезона. Парижаните моментално се втори во француското првенство, еден бод зад Ленс, додека се на третото место во Лигата на шампионите, зад Арсенал и Баерн Минхен.
Престојот на Енрике во француската престолнина досега е исклучително успешен. Во својата прва сезона, тој го освои домашното првенство, купот и суперкупот, но круната на неговата работа дојде во сезоната 2024/2025, кога му ја донесе на ПСЖ првата, историска и долгоочекувана титула во Лигата на шампионите. Со тој успех, тој стана еден од најпопуларните тренери во историјата на клубот.
Foto/ depositphotos






