Легендарниот дефанзивец на Интер, Марко Матераци вели дека Антонио Конте станал „вистински интериста“ откако тренерот на „нераѕурите“ имаше пресметка со првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели, велејќи дека „ја сакаме бучавата на непријателите“.
„Мислам дека Конте станува интериста. Да, се извини за гестот, но инсистираше дека бил провоциран. Убаво е да се признаваат грешките. Ние сме Интер и сме навикнати на бучавата на непријателите. Затоа победите се поубави и посебни“, вели Матераци за „Ла газета дело спорт“.
„Бучавата на непријателите“ беше фраза која ја користеше Жозе Мурињо кога ја донесе тројната титула на Интер.
„Не сакам да го споредувам со Конте, но на некој начин тие се слични. Живеат за фудбалот и го извлекуваат максимумот од своите фудбалери. Како да се објасни таа прослава? Тој е вистински интериста“, додава Матераци.