Украинската атлетичарка Марина Бех-Романчук, вицешампионка на светот во трискок и скок во далечина, е суспендирана на четири години поради допинг, објави Одделот за интегритет на атлетските спортови (АИУ).
„АИУ ја суспендира Марина Бех-Романчук (Украина) за период од четири години, почнувајќи од 13 мај 2025 година, поради присуство/употреба на забранета супстанца (тестостерон)“, се вели во соопштението објавено на мрежата „X“.
29-годишната Бех-Романчук била позитивна на тестостерон, анаболичен стероид, на тест спроведен на 7 декември 2024 година.
Привремено била суспендирана во мај оваа година.
Во својата кариера, таа освоила сребрени медали на светските првенства – во трискок во Будимпешта во 2023 година и во скок во далечина во Доха во 2019 година.
На последното натпреварување, Олимписките игри во Париз во 2024 година, таа се пласираше на 11-то место во трискок.