Комесарот на НБА, Адам Силвер, изјави дека очекува НБА Европа да започне од сезоната 2027/2028, објави „ESPN“.
„Многу сме блиску до планот што го зацртавме. Се надеваме и очекуваме таа лига во Европа да започне во сезоната 2027/2028. На вистинскиот пат сме. Конечните понуди од заинтересираните франшизи треба да ни бидат доставени кон крајот на јуни. Постои рекорден интерес и сме многу возбудени поради можноста што ја имаме и соработката со ФИБА“, рече Силвер на прес-конференција во Сан Антонио.
Американските медиуми објавија дека НБА Европа треба да има 16 клуба.
„Планираме да започнеме лига со 16 тима. Ќе има 12 постојани франшизи и постои можност, искрено, кој било клуб од Европа да може да игра за преостанатите четири места. Тоа е структурата на лигата за која разговараме со потенцијалните франшизи. Ова се некои франшизи кои веќе играат во Европа, а има и групи кои сакаат да формираат тимови во градови каде што кошарката не е на највисоко ниво. Разговорите со Евролигата се во тек. Се надеваме дека ќе можеме да најдеме начин да ги интегрираме нашите операции со Евролигата, но ќе продолжиме во секој случај“, додаде комесарот на НБА лигата.
Силвер зборуваше и за проширувањето на НБА во Соединетите Американски Држави.
„Плановите за проширување на НБА лигата се во тек, а конечната одлука ќе биде донесена до крајот на оваа година. Мислам дека сите знаат дека сме фокусирани на франшизи во Сиетл и Лас Вегас. Постојат неколку групи кои се заинтересирани за двата града. Разговорите со нив се во тек. Им кажавме на заинтересираните страни дека очекуваме нашиот Одбор на директори да донесе конечна одлука до крајот на годината“, рече Силвер.
Foto/ Depositphotos






