Продолжува доминацијата на Маркез – Шпанецот ја освои пол-позицијата во Унгарија

Продолжува доминацијата на Маркез – Шпанецот ја освои пол-позицијата во Унгарија

пред 7 часа

Осумкратниот светски шампион Марк Маркез беше најбрз во квалификациите на патеката Балатон Парк во рамките на трката за Големата награда на Унгарија.

Марк Маркез ја продолжи доминацијата во „кралската класа“, во шест наврати го направи најбрзиот круг, а пол-позцијата ја освои со време 1:36.518.

Првиот ред, заедно со 32-годишникот од Сервера го комплетираа Италијанците Марко Бецеки (Априлија) и Фабио ди Џанантонио (ВР46).

Во третата минута од втората квалификациска рунда, Шпанецот Педро Акоста (Ред Бул) излета од патеката и не можеше да продолжи со натпреварувањето. Мотоциклот на 21-годишникот стана неупотреблив.

Енеа Бастијанини (Ред Бул), Франко Морбидели (ВР46) и Фабио Квартараро (Јамаха) ќе стартуваат од вториот ред, а Педро Акоста, Фермин Алдегер (Гресини) и Лука Марини (Хонда) од третиот.

Иако помладиот брат на Маркез, Алекс, го имаше 11-то најбрзо време во квалификациите, возачот на Гресини беше префрлен на 14-та позиција бидејќи, ден претходно заработи казна од три позиции поради блокирањето на Франческо Бањаја.

Тимскиот колега на Маркез од фабричкиот тим на Дукати, Франческо Бањаја, не успеа да ја помине првата квалификациска сесија.

Италијанецот, кој освои две титули по ред во елитното натпреварување, ќе стартува од 17-та позиција.

Foto/ EPA/Tamas Vasvari

Share
Scroll to Top