Макс Ферстапен го смета својот ривал Луис Хамилтон како еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, но додава дека нема да го смени стилот на возење за борбата со светскиот шампион.
Мерцедес освои седум титули во низа во Формула 1, но фановите се надеваат дека Ред бул можат да направат поинтересен шампионат во 2021, по фантастичната борба на двајцата возачи на Бахреин ГП трката на стартот на сезоната. 23-годишниот Холанѓанец признава дека мора да се почитува успехот на Британецот.
„Начинот на кој тој се справува со работите во Формула 1 и самиот број на победи и титули значат многу. Има многу други возачи во Формула 1 кои е се одлични, силни и би биле добри во тој болид, но начинот на кој тој победува на некои тешки трки, како во Турција лани, покажува колку е добар. Дефинитивно е еден од најдобрите во Формула 1“, признава Макс.
Тој, сепак, не е подготвен да се менува самиот себеси.
„Прво гледам што би можел да направам подобро и поинаку во секоја трка. А потоа, ги следам и другите возачи. Но, јас не сум човек кој копира некого. Јас сум Макс. Ако копирате од другите возачи, секогаш ќе бидете назад, бидејќи не сте иновативни“, додава Холанѓанецот.