Финале пред финалето – Светот на тенисот со нетрпение го чека мечот Алкараз – Ѓоковиќ

Финале пред финалето – Светот на тенисот со нетрпение го чека мечот Алкараз – Ѓоковиќ

пред 1 година

Финале пред финалето. Вака медиумите го најавуваат полуфиналето на Ролан Гарос, меѓу Карлос Алкараз и Новак Ѓоковиќ. Светскиот број 1, Алкараз, нема титула на Ролан Гарос, досега во кариерата на грен слем турнирите има само триумф на Ју-ес опен, додека Ѓоковиќ е во потрага по 23. грен слем трофеј, трет на Ролан Гарос.

Новак Ѓоковиќ, вчера, против Карен Хачанов се мачеше речиси два сета, а потоа рутински го реши рускиот тенисер со 3:1 (4/6, 7/6, 6/2, 6/4).

Србинот, во моментот трет на АТП листата, еднаш се има сретнато со Алкараз. Лани, во полуфиналето на Мастерсот во Мадрид. Победи Шпанецот со 2:1.

„Светски број еден, игра врвен тенис. Зрело игра, така и се однесува. За неговите резултати заслужен е тимот што го има. Проектиран е да победи овде. Фаворит број еден. Полуфиналето на ГС е голем настан. Голем натпревар. Тој нема толку искуство. Колку тоа ќе ми помогне, ќе видиме. Ќе бидам подготвен да се борам и ќе бидам подготвен за можеби најдолгиот меч на турнирот. Тој е играч кој добива многу внимание. Надал и Федерер се Надал и Федерер, не може да се споредува ривалство со нив и ривалство со Алкарас. Ќе мора уште многу да „весла“ за да ги достигне тие височини за да почнам да го да го споредувам со нив“, изјави Ѓоковиќ по победата над Хачанов.

Ѓоковиќ, во петок ќе го одигра 45. грен слем полуфинале во кариерата. Пред него со 46 е само Роџер Федерер.

Карлос Алкараз до полуфиналето дојде по импресивната победа над Стефанос Циципас. Младиот Шпанец го збриша Циципас од теренот со 6/2, 6/1, 7/6. Не крие дека од стартот го чекла дуелот со Ѓоковиќ.

„Би рекол дека сите го очекуваа овој натпревар од моментот на објавување на ждрепката, исто како и јас. Ако сакаш да бидеш најдобар, мора да го победиш најдобриот. За мене, играњето против таква легенда како Новак е историска шанса“, изјави шпанскиот тенисер.

Најмладиот број еден во историјата верува дека младоста ќе го победи искуството.

„Ова ќе биде негово 45. гренд слем полуфинале, јас имам две полуфиналња. Искуството е секако на негова страна, но нема да размислувам за тоа во овој момент. Новак е секогаш фаворит. Не го велам тоа за да го намалам притисокот, се додека игра тенис, тој е фаворит, освои толку многу титули, играше против најдобрите“, заклучи Алкараз.

Свои мислења за полуфиналето имаат легендите, Матс Виландер и Џон Мекинро. Двајцата работат како коментатори на Еуроспорт. Виландер смета дека Ѓоковиќ ќе биде соочен со многу стапици.

“Карлос Алкараз го запали светот на професионалниот тенис. Луѓето се повеќе зборуваат за него. Тактички, тој беше неверојатен, не го изгуби идентитетот на теренот, уживање е да се гледа како игра. Неверојатно е нивото на неговата самодоверба. Мислам дека на почетокот публиката ќе навива за Ѓоковиќ. Физички, Новак е генијалец, но мислам дека брзината на Карлитос на теренот може да биде преголема за Новак“.

„Се разбира, никој не смее да го отпише Ѓоковиќ, сите со нетрпение го чекаме мечот. Ќе биде супер возбудливо. Алкараз е „наелектризиран“, Ѓоковиќ е технички импресивен. Тој го крева нивото на играта кога сите го отпишуваат и кога тој има можност да постигне уште еден значаен рекорд. Ве уверувам, се уште никој не го отпишува“, заклучи Мекинро.

Дуелот, Алкараз-Ѓоковиќ, во петок ќе започне во 15 часот.

Share
Scroll to Top