Фудбалер на Тенерифе почина како резултат на судир со противничкиот голман

Фудбалер на Тенерифе почина како резултат на судир со противничкиот голман

пред 4 часа

Шокантни вести ни стигнаа утрово од Шпанија.

Хесус де Мигел почина, утрово како последица на сериозна повреда што ја здоби синоќа за време на натпреварот против Андора. Тажната вест ја објави неговиот клуб, Тенерифе.

Де Мигел имаше 30 години.

Синоќа доживеа ужасен судир со голманот на гостите, Хесус Овон, од Екваторијална Гвинеја, по што беше изнесен од теренот на носила и веднаш префрлен во блиската Универзитетска болница „Нуестра Сењора де Канделарија“.

Клубот истата вечер објави дека неговата невролошка состојба се влошила, а следниот ден пристигна потврда за најмрачните сомневања. Срцето на Хесус престана да чука.

Смртта дојде како резултат на судир на крајот од натпреварот од шпанската Втора лига на стадионот „Хелиодоро Родригез Лопес“, кога напаѓачот на Тенерифе, обидувајќи се да стигне до ничија топка, жестоко се судри со Овон.

Поради сериозноста на повредата, натпреварот дефинитивно беше прекинат во 108-та минута. Медицинските екипи веднаш се упатија на теренот и му помогнаа на повредениот фудбалер, по што тој беше итно префрлен во болница со амбулантно возило.

„Со голема болка, со грутка во грлото и во неверица дека ова е вистина, од ФК Тенерифе ја објавуваме трагичната вест дека нашиот Хесус де Мигел Аламеда почина овој вторник, 3 ноември 2026 година, во осум часот наутро.

Нема зборови на утеха. Апсолутно ништо не може да ја ублажи оваа огромна тага. Ние сме со неговото скршено семејство, неговите најблиски и сите навивачи на Тенерифе, кои денес тагуваат по оваа сурова загуба.

Семејството на Хесус де Мигел им се заблагодарува на сите за многуте изрази на поддршка и сочувство што ги добија. Во исто време, од дното на срцето бара максимално почитување на приватноста во овие ужасно тешки моменти“, се наведува во соопштението за медиумите на клубот.

Хесус де Мигел Аламеда беше шпански фудбалер, роден на 21 септември 1996 година во Мадрид. Тој играше на позицијата централен напаѓач, со 190 сантиметри беше исклучително висок за напаѓач. Дојде во Тенерифе во летото 2025 година.

Претходната сезона постигна 11 лигашки голови и му помогна на клубот да се врати во Сегунда.

Ја започна својата кариера во јуниорските категории на Леганес, а потоа играше за Луго Фуенлабрада, Интернасионал Мадрид, Фуенлабрада, Унион Адарве, Навалкарнеро и Унионистас од Саламанка.

Особено се истакна во Кастељон, чиј дрес го носеше од 2023 до 2025 година и со кого освои промоција во втората шпанска лига. Постигна 25 гола за тој клуб, три од нив во Сегунда.

Share
Scroll to Top