Ред Бул во средата, објави дека „по темелна истрага“ внатре во компанијата, заклучиле дека шефот на тимот, Кристијан Хорнер е ослободен од обвинението за недолично однесување. Колешка го обвини Хорнер дека и испраќал сексистички пораки.
И кога се чинеше дека тука се ќе заврши се случи пресврт во целата оваа афера.
На адресите на највлијателните шефови во Формула 1 пристигнал мејл со 79 документи во кој се обвинува Хорнер за несоодветно однесување кон колешка.
Не е познато кој го испратил мејлот, но како што пренесуваат медиумите во Англија, во документот постои „скриншот“ од преписката на Хорнер со дотичната колешка на апликацијата WhatsApp.
Пораката е испратена до претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулејем, и шефот на Ф1, Стефано Доменикали, како и до медиумите акредитирани за трката викендов во Бахреин.
Се верува дека мејлот пристигнал во текот на вчерашниот втор слободен тренинг на патеката Сакир, само 24 часа откако Ред Бул ја заврши својата внатрешна истрага.
По консултација со адвокат, Хорнер негираше дека тие наводи се негова кореспонденција, а после тоа го смени профилот на интернет, па фотографијата е различна од онаа што се гледа во преписката со колешката.
Неизвесно е што ќе се случи понатаму, но нема сомнеж дека шефот на Ред Бул сериозно ја доведе во прашање својата позиција во тимот и воопшто во Формула 1.