Њукасл ќе ја прифати понудата од Ливерпул за Исак

Њукасл ќе ја прифати понудата од Ливерпул за Исак

пред 6 часа

Пред неколку дена се чинеше дека ништо нема да произлезе од трансферот на Александар Исак (25) во Ливерпул, но британските медиуми во петокот објавија дека раководството на Њукасл очекува нова понуда од „црвените“ за шведскиот напаѓач.

Првичната понуда од 125 милиони евра беше категорично одбиена од „страчките“, посочувајќи дека шведскиот репрезентативец вреди 170 милиони евра.

Во меѓувреме, Исак и раководството на Њукасл разменија остри зборови, а Швеѓанецот тврдеше дека клубот му ветил дека нема да го саботираат неговиот трансфер во нов клуб.

„Кога ветувањата се прекршуваат, тогаш повеќе нема доверба и таа врска мора да заврши. Затоа мислам дека промената би била корисна за двете страни, за Њукасл и за мене“, објави Исак во вторникот на социјалните мрежи.

По тие изјави, раководството на Њукасл сфати дека нема смисла да го блокира заминувањето на Исак, бидејќи во своите редови ќе имаат незадоволен играч кој би можел да ја расипе атмосферата во целиот тим.

Иако во моментов нема соодветна замена за Исак, бидејќи Словенецот Бенјамин Шешко се пресели во Манчестер јунајтед, а Уго Екитике во Ливерпул, клубот од стадионот „Сент Џејмс Парк“ е свесен дека ќе мора да го продаде шведскиот голгетер.

Британските медиуми наведуваат дека овој пат „страчките“ без двоумење би прифатиле значително пониска понуда од бараните 170 милиони евра, во опсег од 135 до 140 милиони евра.

Ливерпул веќе потроши 340 милиони евра за нови играчи ова лето.

Исак дојде во Њукасл од Реал Сосиедад во 2022 година за речиси 70 милиони евра. За три сезони, тој постигна 62 гола и додаде 11 асистенции. Сегашниот договор е со важност до јуни 2028 година, а според него тој заработува седум милиони евра годишно.

Share
Scroll to Top