Ентони Џошуа ќе ги брани своите ВБА, ИБФ и ВБО титули во тешка категорија против предизвикувачот за ВБО појасот, Украинецот Олександер Усик на стадионот на Тотенхем во Лондон во септември, открива „Скај спорт“.
Џошуа се обидуваше да се договори со Тајсон Фјури за меч за обединување на титулите, но по пропаста на тој договор, тој доби задолжение од ВБО да ја брани титулата против Украинецот. Џошуа требаше да боксува со Кубрат Пулев на истиот стадион минатиот јуни, но поради корона вирусот мечот беше одложен, по што во декември на „Вембли“ стигна до победа.
Украинскиот предизвикувач воопшто не е лесен противник – тој има 18-0 скор како професионалец и беше доминантен во крузер категоријата, пред на крајот на 2019 да се префрли во тешката категорија. Тој ги победи Чез Витерспун и Дерек Чизора за да стане прв предизвикувач на ВБО федерацијата.