Американскиот министер за внатрешна безбедност, Марквејн Мулин, изјави дека вештачката интелигенција можеби е поврзана со неодамнешните технички проблеми што предизвикаа прекини во работењето на банките и авиокомпаниите во САД.
Изјавата следува по серијата инциденти во понеделникот, кога повеќе американски банки и авиокомпании, меѓу кои и „Јунајтед ерлајнс“, пријавија технички проблеми што привремено ги нарушија нивните услуги. Претходно беа регистрирани и прекини во работењето на услугите на „Мајкрософт“ и системите на Федералната управа за воздухопловство (ФАА).
Во интервју за „Фокс њуз“, Мулин изјави дека, според неговите претпоставки, причината би можела да биде вештачката суперинтелигенција, повикувајќи се на разговор со неименувано лице од технолошката индустрија.
„Верувам дека станува збор за суперинтелигенција, бидејќи овие програми не се дизајнирани да работат со толкава брзина“, рече Мулин.
Тој објасни дека програмите што можат самостојно да пишуваат и да поправаат компјутерски код потенцијално предизвикуваат верижни промени во системите, кои не се приспособени за толку брзо функционирање.
Сепак, Мулин нагласи дека досегашните проверки не укажуваат на кибернапад врз САД.
„Можам со 98 отсто сигурност да кажам дека не гледаме никаков кибернапад. Сите овие случаи се меѓусебно неповрзани“, изјави тој, додавајќи дека не биле откриени дигитални траги што би укажувале на надворешно мешање.
Во понеделникот илјадници клиенти на американските банки „Чејс“, „Банк оф Америка“, „Велс Фарго“ и „Капитал уан“ пријавија проблеми со пристапот до сметките и извршувањето трансакции.
Според податоците на платформата „Даундетектор“, повеќе од 4.800 клиенти на „Чејс“ пријавиле проблеми, како и околу 2.100 корисници на „Банк оф Америка“, 1.000 на „Велс Фарго“ и 300 на „Капитал уан“.
Истовремено, „Јунајтед ерлајнс“ пријави прекин во работењето на системите, поради што дел од летовите беа одложени. Компанијата подоцна соопшти дека проблемот е решен и дека нема индикации за кибербезбедносен инцидент.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ги повика граѓаните да не паничат, нагласувајќи дека нема потреба од изградба на бункери или создавање залихи од храна и вода.
Тој истакна дека властите засега не гледаат знаци на непосредна криза, но мора да бидат подготвени и за најлошите можни сценарија.
Текстот Американски министер: Вештачката интелигенција можеби стои зад прекините во банките и авиосообраќајот е превземен од МАКФАКС.




