Белгија ја одложи забраната за пушење на терасите на кафулињата и рестораните

Белгија ја одложи забраната за пушење на терасите на кафулињата и рестораните

пред 5 часа

Белгиската влада ја одложи забраната за пушење на терасите на кафулињата и рестораните, која требаше да стапи во сила на 1 јануари 2027 година, по интервенција на највисокиот управен суд во земјата, објави „Политико“.

Забраната е дел од пакетот мерки за заштита на јавното здравје што ги предводи министерот за здравство Франк Ванденбруке, но наиде на силен отпор од угостителскиот сектор.

Од кабинетот на министерот соопштија дека белгискиот Државен совет побарал измени на одредени мерки и дека во моментов се работи на нивно усогласување.

Владата наведува дека одложувањето ќе им овозможи на угостителите повеќе време да се приспособат на новите правила. Засега не е познато колку ќе трае одложувањето, а измените ќе треба да ги одобри и белгискиот парламент.

Слични ограничувања се воведуваат и во други земји од Европската Унија. Франција неодамна го забрани пушењето на плажите, во парковите и во близина на училиштата, додека Шпанија разгледува проширување на забраната на терасите и други јавни простори, вклучително и ограничувања за електронските цигари.

Белгија минатата година веќе воведе повеќе мерки против пушењето, меѓу кои ограничувања за пушачките зони на аеродромите и забрана за ароматизирани електронски цигари.

Целта на овие мерки е создавање генерација без тутунски чад до 2040 година, во согласност со препораките на Светската здравствена организација. Според белгиската Фондација за борба против ракот, речиси една четвртина од населението пуши, од кои 19 проценти секојдневно.

Текстот Белгија ја одложи забраната за пушење на терасите на кафулињата и рестораните е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top