Болниците во Иран преплавени со повредени од протестите, доктори опишуваат „ужасни сцени“

Болниците во Иран преплавени со повредени од протестите, доктори опишуваат „ужасни сцени“

пред 14 часа

Протестите во Иран продолжуваат, а улиците на градовите, особено Техеран, се исполнети со илјадници демонстранти, и покрај блокадата на интернет и мобилните мрежи, јавуваат медиумите.

На новите протести, кои започнаа доцна синоќа во северниот дел на Техеран, демонстрантите извикувале: „Смрт за ајатолахот Али Хамнеи“ и „Да живее шахот“, а запалиле и една џамија.

Според американската организација „Активисти за човекови права“, утрово повеќе од 570 протести се одржале во сите 31 ирански провинции.

Здравствените работници во три болници во Иран велат дека нивните болници се преплавени со повредени и мртви од големите антивладини протести, објави Би-Би-Си. Според проценките на организациите за човекови права, најмалку 116 лица биле убиени во последните две недели.

Доктор во болница во Техеран опишал „ужасни сцени“, наведувајќи дека имало толку многу повредени што персоналот немал време да се справи со нив:

„Околу 38 луѓе починаа. Многумина дури и не стигнаа до болница. Бројот беше толку голем што немаше доволно место во мртовечницата. Телата беа едно врз друго. Откако мртовечницата се наполни, тие беа наредени едно врз друго во просторијата за молитва“, изјавил тој.

Според здравствениот работник, меѓу загинатите и повредените биле најмногу млади луѓе, на возраст од 20 до 25 години, а болниците морале да ги одложат сите неитни приеми и операции, за да можат да се грижат само за повредените од протестите.

Иранската полиција тврди дека никој не загинал во Техеран во петокот навечер, иако 26 згради биле запалени и предизвикале голема материјална штета.

Државната телевизија на Иран известува за жртви меѓу припадниците на безбедносните сили, додека демонстрантите сѐ почесто ги нарекува „терористи“.

САД повторија дека убиството на демонстранти може да предизвика воена интервенција, а Иран ги обвинува САД дека мирните протести ги претвориле во „насилни субверзивни акции и вандализам“.

Протестите започнаа на 28 декември поради падот на иранската валута и економските тешкотии.

Текстот Болниците во Иран преплавени со повредени од протестите, доктори опишуваат „ужасни сцени“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top