Борел: Русија лаже за војната и страдањата на Украинците

пред 3 години

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ја оправда одлуката за забрана на работата на руските државни медиуми во ЕУ бидејќи тие се составен дел од руската агресија против Украина и напорите за распаѓање на Унијата и поткопување на европската демократија, пишуваат медиумите во светот.

„Руските државни медиуми и екосистемот околу нив се составен дел од агресијата против Украина“, рече Борел во дебатата во Европскиот парламент за надворешното мешање во демократските процеси во ЕУ.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност во обраќањето до европратениците ги отфрли критиките дека забраната за „Русија денес“ и „Спутник“ е кршење на правата.

„Тоа не се независни медиуми, туку оружје во екосистемот на манипулација на Кремљ“, нагласи тој. „Русија лаже за војната и страдањата на украинскиот народ“, рече тој.

„Ние не се обидуваме да одлучуваме што е точно, а што не, немаме министерство за вистина, но мораме да се фокусираме на надворешни актери кои намерно и координирано се обидуваат да манипулираат со нашиот информативен простор за свои цели и да ни наштетат“, рече Борел.

Во извештајот, меѓу другото, се предупредува дека Западен Балкан е особено цел на манипулации од Русија и Кина.

Русија се обидува да ги искористи тензиите меѓу етничките групи во Западен Балкан за да поттикне конфликти и да ги подели заедниците, што може да го дестабилизира целиот регион, се вели во извештајот.

Загрижувачки се обидите на Православната црква во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а особено во нејзиниот ентитет Република Српска, да ја промовира Русија како заштитник на традиционалните семејни вредности и да ги зајакне односите меѓу државата и црквата, се предупредува извештајот, кој го пренесуваат медиумите.

Според написите се изразува и загриженост дека Унгарија и Србија им помагаат на Кина и на Русија во нивните геополитички цели.

Борел рече дека ЕУ ги засилила напорите со земјите партнери за борба против мешањето и манипулацијата со информациите, особено во Западен Балкан, кој во моментов е систематски цел на руски и други кампањи.

„Мораме да воведеме битка за информации во нашата надворешна политика. Ќе предложиме механизми кои ќе ни овозможат да ги санкционираме овие злонамерни актери“, рече Борел, истакнувајќи дека демократијата се заснова на информации и дека информациите мора добро да се заштитат.

Share
Scroll to Top