Бугарскиот уставен суд ја прифати оставката на Радев, Јотова ја презема функцијата

Бугарскиот уставен суд ја прифати оставката на Радев, Јотова ја презема функцијата

пред 6 часа

Уставниот суд ја прифати оставката на бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат бугарските медиуми.

Според одлуката на судиите, овластувањата на Румен Радев како претседател престануваат предвреме со потврдувањето на неговата оставка од страна на Уставниот суд . Одлуката стапува во сила денес, 23 јануари.

Уставниот суд го разгледа барањето на Радев без да мора да го сослуша или да побара дополнителни докази, бидејќи испитувањето беше ограничено на утврдување на лична изјава за волја – прашање кое, според судот, нема сложени правни пречки.

На расправата учествуваа 12 уставни судии, а за уставниот случај извести судијката Павлина Панова.

Оставката ја поднесе Радев по обраќањето до бугарскиот народ на 19 јануари, во кое објави дека се повлекува од функцијата со цел активно да учествува на претстојните предвремени парламентарни избори и евентуално да учествува во политички проект или партија.

„Инвестор.бг“ потсетува дека одлуката на Уставниот суд е историска – ова е прв случај во поновата историја на Бугарија во кој актуелен претседател поднесува оставка пред истекот на мандатот, а судот го разрешува од функцијата.

Потпретседателката Илијана Јотова автоматски ја презема функцијата нов шеф на државата до крајот на нејзиниот мандат на 21 јануари 2027 година. Таа ќе ги извршува функциите на претседател, вклучително и назначување на привремена влада и подготовка за следниот изборен процес.

Фото: ЕПА

Текстот Бугарскиот уставен суд ја прифати оставката на Радев, Јотова ја презема функцијата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top