Унгарија соопшти дека нема да го примени новиот механизам за солидарност во Европската унија и дека нема да прифати ниту еден мигрант, пренесуваат унгарските медиуми. На прес-конференција во Будимпешта, шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергељ Гуљаш, повтори дека владата останува против миграциската политика на ЕУ.
Министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ во понеделник го договорија механизмот што предвидува распределба на мигранти меѓу земјите членки, при што државите кои не сакаат да прифатат бегалци можат да дадат финансиски или материјални придонеси. Пактот треба да стапи во сила во јуни 2026 година.
Гуљаш изјави дека „Унгарија нема да го спроведе миграцискиот пакт“, додавајќи дека Унијата „нема овластување да одлучува со кого треба да живеат Унгарците“. Тој потсети дека на референдумот во 2016 година мнозинството гласачи ја одбиле, како што наведе владата, присилната распределба на мигранти од страна на ЕУ, иако излезноста била недоволна за резултатите да бидат валидни.
Европскиот суд во 2024 година ја казни Унгарија со 200 милиони евра и дополнителна дневна казна од еден милион евра поради прекршување на законите на ЕУ за азил, вклучително и де факто суспендирање на приемот на барања за азил и незаконско притворање на мигранти. Комесарот за миграции на ЕУ, Магнус Бруннер, изрази жалење за ставот на Будимпешта и нагласи дека државите членки треба да ги почитуваат одлуките на Унијата.
Текстот Будимпешта против планот на ЕУ: Унгарија нема да учествува во распределбата на мигранти е превземен од МАКФАКС.






