Во светот денес се слави Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна – 9 мај, а церемониите по повод 76-годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија, ќе бидат прилагодени на условите на пандемијата на коронавирусот.
Во Москва се одржува традиционалната парада, инаку најголемата воена парада во светот по повод овој ден, но програмата за летање е доведена во прашање, бидејќи дожд со лапавица се очекува на северот на московскиот регион.
Според руското Министерство за одбрана, повеќе од 12.000 војници, 191 единица воена копнена опрема, како и 76 авиони и хеликоптери учествуваат во парадата. Музичката придружба ќе ја обезбеди оркестарот на Министерството за одбрана.
На парадата командува Врховниот командант на копнената армија, генерал на армијата Олег Саyљуков, а ќе присуствува и рускиот државен врв предводен од Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Денот на победата се слави и низ цела Европа, во спомен на жртвите и крајот на Втората светска војна, но и Денот на Европа поради почетокот на создавањето на заедницата на европските земји, пет години подоцна.
Европската служба за надворешно дејствување на Европската унија (ЕЕАС) на веб-страницата наведе дека поради ограничувачки мерки поради пандемијата на вирусот корона, нема да има церемонии во Брисел, но дека ќе има виртуелни настани.
Франција е една од ретките земји што ќе го одбележи Денот на победата со положување венец на споменикот на Непознатиот херој денес, со ограничено присуство на официјални лица и армијата.
Денот на победата ќе се слави и во Австралија, имајќи предвид дека околу 10.000 австралиски војници го загубија животот во битките со нацистичките сили.
Кулата Менара, висока 421 метар во главниот град на Малезија, Куала Лумпур, денес ќе биде обележана со боите на Европската унија, како за Денот на победата, така и за Денот на Европа.
Втората светска војна заврши неколку месеци по 9 мај 1945 година, поточно на 2 септември, со безусловна капитулација на Јапонија откако САД фрлија атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки.
Војната започна на 1 септември 1939 година со германската инвазија на Полска. Ова е најсмртоносната војна во историјата на човештвото, бидејќи се верува дека загинале меѓу 50 и 75 милиони луѓе.